Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска изјави дека би можеле да поминат децении додека Турција не стане членка на ЕУ, а судејќи според напредокот што во моментот го остварува, тоа би можело да се случи дури во 3000 година.
– Дури и тогаш Велика Британија, како и секоја друга членка на ЕУ, би имала право на вето на влезот на Турција во Унијата, рече Камерон.
– Шансите Турција наскоро да се приклучи кон ЕУ се речиси непостоечки. Тие поднесоа барање за членство во 1987 година. Ако се продолжи сегашното темпо на напредок Турција ќе стане членка на ЕУ дури околу 3000 година, рече британскиот премиер.
Прашањето за членство на Турција во ЕУ е една од клучните теми околу кои се кршат копјата во дебата околу тоа дали Британија треба да остане во ЕУ, за што граѓаните на земјата ќе се изјаснат на референдумот закажан за 23 јуни.
Камерон, кој се залага за останување на Британија во ЕУ, рече дека приврзаниците на излегувањето ги доведуваат граѓаните во заблуда, тврдејќи дека Турција ќе влезе во Унијата.
– Тие практично тврдат да се гласа за излез од ЕУ, бидејќи нема да можеме да спречиме Турција да стане членка во Унијата. Тоа не е вистина. Британија и секоја друга членка имаат право на вето на влез на друга земја во ЕУ, наведе британскиот премиер.
Официјална Анкара, која поднесе барање за членство во ЕУ во 1987 година, во 2005 ги почна пристапните преговори.