Британскиот премиер Дејвид Камерон раководеше со денешната седница на специјалната група „Кобра“ за вонредни ситуации, на која се расправаше за најновата ситуација во Украина и околу неа, по падот на патничкиот авион на „Малезија Ерланс“ во југоисточна Украина, за кој се верува дека бил предизвикан од противвоздушна ракета.
Во овој тежок инцидент за кој меѓусебно се обвинуваат Киев и Москва, загинаа сите 298 патници и членови на екипажот. Меѓу загинатите, досега се најдени телата и на деветмина Британци.
Според лондонските медиуми, на седницата Камерон рекол дека ако се покаже оти авионот е навистина соборен, тогаш „тие кои го сториле тоа, ќе мора да одговараат“.
Британскиот премиер побарал од Русија и од Украина да гарантираат дека локацијата на која падна авионот ќе биде детално и соодветно истражена.
Официјален Лондон, засега, реагира внимателно на вчерашната воздушна катастрофа во која загинаа толкумногу лица, но британските медиуми, без разлика дали се блиски до владеачката Конзервативна партија на премиерот Камерон, или се пролабуристички и левичарски веќе ги осудија проруските сепаратисти во источна Украина и Русија, за „намерното“ соборување на патничкиот авион.
Весниците целата своја жестина ја фрлаат врз Москва и посебно врз претседателот Владимир Путин, за кого тврдат дека изминатите недели ги снабдил сепаратистите со најсовремените ракети „БУК“ за да може да се одбранат од воздушните напади на украинската авијација.
„Лондонски „Сан“ и „Дејли Меил“ заговараат „конечна пресметка со Путин“ а другите весници кои без резерви ги поддржуваат украинските тврдења за „руска вина“ во падот на малезискиот авион, бараат од Западот интервенција во украинската криза, која од локална, сега се претвора во меѓународна.
За ваквата позиција на весниците во Лондон, објаснување се наоѓа во тврдењето на Киев дека тамошното разузнавање „уловило“ разговор меѓу двајца сепаратисти, познати по прекарите „Мајор“ и „Грк“.
Од кусиот извадок на нивниот телефонски разговор треба да се заклучи дека за лансираната ракета треба да се обвинуваат Козаците кои мислеле дека малезискиот авион е украински воен транспортер.
Малку од весниците го пренесуваат тврдењето на Олег Царев, еден од водачите на сепаратистичката Доњецка народна република, дека тие немаат ракети со дострел од 10 илјади метри за да го погодат „Боингот“ кој летал на таа височина, како и соопштението на руското Министерство за одбрана, за тоа дека украиските ракетни сили, имаат стационирано ракетни системи токму во реонот од каде можело да се лансира ракета.
Руските медиуми тврдат дека се користи паднатиот авион за „нова оркестрирана кампања“ против Русија, за да се обвини претседателот Путин дека ги снабдува „милициите и ополченците“ во источна Украина со оружје.
Украинскиот амабасадор во Лондон, Андри Кузменко, меѓутоа, изјави денеска за британската ТВ станица Скај њуз дека „дефинтивно, украинските сили не испукале никаква ракета против било кој авион“.