Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави денеска дека исламистичките џихадисти од Исламска држава Ирак и Левантот, не се закана само за Ирак и за регионот туку дека тие се сериозна закана и за Велика Британија.
– Луѓето од оваа група, кои се обидуваат да освојат територија, планираат и да не нападнат нас, овде, дома, во Обединетото Кралство, рече Камерон во денешаната дебата во британскиот Парламент.
Премиерот беше прашан од пратениците за тоа дали постои закана за Велика Британија од сегашните случувања во Ирак и од офанзивата на сунитските џихадисти. Прашањето беше поставено откако, во дел од британската политичка јавност, повторно се покрена расправата за „одговорноста на Тони Блер“ поради воена интервенција во 2003 година, по која беше соборен поранешниот диктатор Садам Хусеин и за „вината“ на поранешниот премиер за сегашната ирачка криза.
Камерон не се занимаваше со војната од пред 11 години, туку изјави дека не се согласува со оние кои мислат дека сегашните случувања во Ирак немаат врска со Британија.
– Создавањето на некаков исламски режим во Ирак ја засега и Велика Британја, посочи Камерон и се заложи за внимателен приод и одмереност во интервенирањето.
Тој откри дека според безбедносните проценки што се направени во Лондон, Исламска држава во Ирак и Левантот сега е поголема закана за британската безбедност од враќањето на џихадистите од фронтот во Авганистан или од пакистанските региони во кои дејствуваат исламските екстремисти.