Британскиот премиер Дејвид Камерон го осуди денешниот терористички напад, извршен во еден градски автобус, во Тел Авив, во кој потешко и полесно се повредени десетина лица, оквалификувајќи го како „апсолутно неприфлив потег“.
Одговорноста за нападот ја презеде милитантната, исламистичка организација Хамас која ја има контролата врз Појасот Газа.
Британските телевизии јавуваат дека терористичкиот напад е извршен во знак на одмазда за ракетирањето на Газа и позициите на Хамас, а нивните активисти веста за „успешната акција“ во Тел Авив ја поздравиле со пукање од огнено оружје.
Известувачите од Тел Авив предупредуваат дека Хамас планира нови напади и тоа врз цивили и цивилни цели, што се гледа и од нападот на автобусот, изведен во кварт кој важи за либерален и чии жители се приврзаници за мирно решавање на палестинското прашање.
Во дебата во британскиот Парламент, Камерон изрази жалење и за „загубените човечки жртви“ во реонот на Газа и побара од Меѓународната заедница да работи засилено за прекин на огнот и непријателствата во Израел и во Газа.
Лидерот на опозициските лабуристи Ед Милибанд, во парламентарната дебата, побара од британскиот премиер да изврши притисок врз ОН и посебно врз САД, за затворање на мировниот процес, со обезбедување траен мир. Милибанд уште се заложи, пред решението за „две држави, една покрај друга“, за како што рече, повисоко признавање на Палестина во ОН.
Камерон меѓутоа смета дека наместо притисок врз ОН и САД, решението треба да го обезбедат самите, со меѓусебни разговори и конечен договор, Израел и Палестинците. Британскиот премиер е против прием на Палестина за полноправен член на Светската организација, пред да се постигне договор со Израелците. Тој смета дека предвременото примање на Палестина во ОН би можело да биде „опасно за мировниот процес“.