Јункер против Јункер?

Од:

Сите тоа го знаевме. Луксембург веќе со години на фирмите нуди можност, користејќи ги лабавите закони, речиси целосно да го избегнат плаќањето на данок на добивка. Тоа е деловен модел на кој се темели оваа мала држава, која веќе со децении ужива добар глас во меѓународните финансиски кругови.

Консултантската фирма Price Waterhouse Coopers (PWC) и официјално на својата интернет страна ја фали добрата соработка со властите во Луксембург, кои се покажуваат како многу иновативни при креирање на необични стратегии за избегнување на плаќање на данок. PWC има 2.000 соработници во Луксембург, а тие таму не се поради идиличниот пејзаж или културното богатство на ова кнежество. Во неа се сместиле и многу други консултантски компании. Стотици фирми од целиот свет го следеа тој привлечен повик од Луксембург. Тоа го знаат сите европски политичари кои сега со прст покажуваат на поранешниот премиер на кнежеството Жан-Клод Јункер.

 Luxemburg Leaks

Државите на ЕУ меѓусебно се натпреваруваат со своите даночни политики и модели за намалување на даночното оптоварување. Некои од нив во меѓународните кругови на глас се како класични даночни оази. И Холандија, Ирска, Велика Британија, Малта и Кипар нудат вакви услуги на инвеститорите. Новите сознанија, од т.н. Luxemburg Leaks само уште еднаш јасно го разоткрива она што е вообичаена пракса.

Избегнувањето на плаќање на данок, т.е. креирање на даночно оптоварување според важечките закони во Луксембург и другите даночни оази е легално. Последица од глобализацијата е дека меѓународните компании бескрупулозно бараат за себе најдобар модел и бесрамно ја искористуваат меѓусебната конкуренција на државите. Обидите на ОЕЦД или на групата Г20 да се ограничат таквите модели, се уште се на самите почетоци. 50 држави неодамна постигнаа договор за размена на даночни и банкарски информации. Притоа во прв ред се работи за обид за разоткривање на затајување на данок, значи за кривични дела. Во актуелниот случај, се работи само за избегнување на плаќање на данок, а тоа не е кривично дело.

Тоа е морално нечесно бидејќи на тој начин тие држави во кои меѓународните компании навистина делуваат, губат милијарди евра од даночните приходи. Организацијата за помош на државите во развој ActionAid веќе долго укажува на тоа дека меѓународните концерни така избегнуваат плаќање на данок во државите во развој. Тие изгубени средства се поголеми од помошта за развој која ја добиваат тие земји. Скандалот е во тоа што многу држави, не само Луксембург, веќе со децении толерираат или дури и поттикнуваат такви методи.

Европската комисија, чиј шеф неодамна стана Жан-Клод Јункер, уште од минатата година истражува различни модели за заштеда на даноците кои се на сила внатре во некои држави членки, меѓу другите и во Луксембург. Тука може да се работи за недозволена помош на државите. Даночната политика е работа која е во надлежност на самите држави членки. Во ЕУ сеуште не се хармонизирани даночните закони. За вистинска и веродостојна монетарна унија треба да се креира даночна унија, со еднакви даночни стапки. Но, до тоа има уште долг пат.

Вистинскиот човек?

Прашањето кое се поставува гласи: дали Јункер е вистинскиот човек за водење на истрагата која ја покрена Европската комисија? Тој вети дека против сите држави членки ќе бидат применети истите остри мерки, па дури и ако се работи за неговата земја. Како поранешен премиер на Луксембург, тој беше одговорен за одлуките кои сега се предмет на истрага. Дали тој навистина може да биде неутрален и веродостоен?

Можеби треба да се каже дека во овој случај се најде во судир на интереси и дека избегнува секој контакт со истрагата во тек. Јункер сеуште делува помалку инаетливо и тврдоглаво по ова прашање, но тој мора брзо да заземе став. Во спротивно наскоро ќе биде уништена неговата позиција како независен заштитник на договорите на кои се темели ЕУ, а тоа е позиција која ја има како претседател на Европската комисија. Во тој случај во неговата Комисија се заканува неуспешен почеток на мандатот.

Дојче веле – Бон

 

Би можело да ве интересира

ЕК: Растот на македонската економија годинава 2,0 отсто, наредната 3,1 отсто

Европската комисија објави нов план за зголемување на депортациите на илегални мигранти

Ана Ололовска

Јохансон: ЕК ќе предложи корупцијата да се перципира и казнува подеднакво во цела ЕУ

Ана Ололовска

Лајен предлага формирање на европско етичко тело

Ана Ололовска

Европската комисија претстави нови предлози за дополнителни санкции против Русија

Ана Ололовска

Фон дер Лајен рече дека загинале 100.000 украински војници, ЕК ја избриша изјавата

Ана Ололовска