Поранешниот луксембуршки премиер Жан Клод Јункер изјави во Берлин дека верува оти до крајот на оваа недела ќе биде именуван за новиот претседател на Европската Комисија,но само доколку во ЕУ „надвладее здравиот разум“.
Јункер одржа предавање во германскиот главен град,последно пред Самитот на ЕУ во петок,кога европските лидери треба да донесат решение за тоа кој ќе го наследи Мануел Баросо на најпрестижната европска функција.Зборувајќи за именувањето и за спротивставувањето на британскиот премиер Дејвид Камерон,на неговата кандидатура,Јункер се шегуваше на сметка на Британецот, забележувајќи дека „здравиот разум нееднакво се распределува, па поради тоа,еден од нив двајцата ќе мора да причека“.
Шеговитата забелешка на Јункер е реакција на барањето на Камерон до европските лидери да му се приклучат во спротивставуавањето на кандидатурата на луксембуршкиот политичар,повикувајќи се на потребата за надвладување на здравиот разум.
Камерон покрена силна кампања против Јункер,тврдејќи дека на Европската Комисија и на ЕУ,сега и е потребен реформски определен политичар,а не ветеран на европската политика.
Слични позиции како британскиот премиер, досега имаа и премиерите на Шведска,Холандија и Унгарија,но не се знае како тие ќе се оределат во петок,за време на Самитот во Брисел.Зад кандидатурата на Јункер силно стојат Германија и канцеларот Ангела Меркел,додека францускиот претседател Франсоа Оланд минатата недела навести дека блокот европски социјалистички партии ќе го подржи изборот на Јункер.
Во Берлин се верува дека Луксембуржанецот ќе биде именуван,а дека Камерон ќе остане сам,наспроти сите други 27 земји-членки на ЕУ. Официјален Лондон верува дека до Самитот,британскиот премиер,сепак, ќе успее да ги наговори своите колеги да не брзаат со изборот и да прифатат одлагање,додека не се најде компромисен кандидат.Доколку не се успее во тоа,Камерон навестува дека ќе бара гласање за кандидатурата на Јункер.
Тоа би било случај без преседан во европската пракса и обид на Лондон да ги натера европските лидери да откријат кој што мисли за предложениот кандидат.
Во оваа нова расправија меѓу Лондон и сите другите во ЕУ, се вклучи и полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски.Тој во еден тајно снимен разговор остро го критикува Камерон дека „одново ја покажува својата некомпетентност за европските состојби и прашања“ иако важи за евроскептик и близок до британските позиции кон ЕУ.
Неговата изјава предизвика гнев во Конзервативната партија во Лондон,каде претставник на ториевците изјави дека би било нереално да се очекува Полска да гласа против Германија и нејзиниот кандидат,откако Берлин и помогна на Варшава, преку ЕУ,да обезбеди големи средства за придвижување на полската економија.