Романскиот претседател Клаус Јоханис денеска искоментира дека предлог законот на народниот претставник Шербан Николае за помилување на определени кривични дела ќе биде „целосно погрешен“ сигнал кон општеството, информира агенцијата Аџерпрес.
Романскиот локален печат денеска информира дека Николае, како лидер на сенаторите на Социјалдемократската партија, на своите колеги од правната комисија им ги испратил дополненијата, со кои потоа во Парламентот ќе го поднесе предлог законот за помилување. Едно од овие дополнувања предвидува можност за помилување на корупциските кривични дела: земање поткуп, трговија со влијание, злоупотреба на службената положба и конфликт на интереси.
– Не би сакал да навлегувам во детали. Предлогот се наоѓа во Парламентот, но можам многу јасно да порачам дека доколку има помилување на корупцијата, тоа ќе биде целосно погрешен сигнал кон општеството, рече шефот на државата.
Директорот на Националната дирекција за борба со корупцијата, Лаура Кодруца Ковеси, изјави дека не треба да има помилувања за оние кои извршиле корупциски кривични дела.
Од своја страна, министерот за правда Тудорел Тоадер изјави дека за иницијативата на Шербан Николае слушнал од медиумите.