Јанша e разочаран по тесниот пораз на изборите во Словенија

Од:

Во Словенија се одржаа десеттите парламентарни избори од независноста, на кои право на глас имаа околу 1,7 милиони граѓани кои избираа 90 пратеници. По затворањето на избирачките места во 19 часот, следеше неизвесно и напнато пребројување на гласовите, кое покажа исклучително тесна трка меѓу двете најголеми политички опции.

Според резултатите по преброени 99,67 проценти од гласовите, во водство е Движењето за слобода предводено од Роберт Голоб со 28,56 проценти, односно 29 пратенички места. Веднаш зад нив е СДС на Јанез Јанша со 28,12 проценти и 28 мандати.

На третата позиција се пласира коалицијата составена од НСи, СЛС и Фокус со 9,33 проценти и девет пратеници. Следуваат СД со 6,70 проценти и Демократите со 6,69 проценти, што им обезбедува по шест мандати. Парламентарниот праг го поминаа и Ресни.ца со 5,56 проценти и Левица со 5,44 проценти, при што двете формации добиваат по пет пратеници.

Лидерот на победничката партија, Роберт Голоб, во првото обраќање по изборите оцени дека станува збор за „навистина напната вечер“, заблагодарувајќи им се на гласачите за довербата. Тој порача дека во новиот мандат ќе се фокусира на подобрување на иднината за сите граѓани и нагласи дека суверенитетот на државата ќе остане неприкосновен.

„Сите заслужуваме пат кон иднината“, изјави Голоб, додавајќи дека земјата продолжува напред „под слободното сонце“.

Атмосферата по парламентарните избори во останува напната, поради минималната разлика меѓу двете водечки партии. Од Движење за слобода, предводено од Голоб, велат дека очекуваат конечните резултати да го потврдат водството на левиот центар и најавуваат сложени преговори за формирање влада.

Претседателката на парламентот, Уршка Клакочар-Жупанчиќ, оцени дека разликата меѓу партиите е мала, но изрази очекување дека исходот ќе биде во корист на нивниот блок. Таа нагласи дека коалициските разговори нема да бидат лесни и повтори дека нивната партија нема да соработува со Словенечка демократска партија (СДС).

Слична порака испрати и генералниот секретар на партијата, Матеј Грах, кој најави дека ќе бидат поканети сите партии освен СДС. Како приоритети ги издвои младите и домувањето, економијата и дигитализацијата, особено во здравствениот сектор. Тој додаде дека за нив нема дилема околу лидерството, посочувајќи дека Голоб е единствениот кандидат за премиер.

Од друга страна, лидерот на СДС, Јанша, изрази сомнежи во изборните резултати и најави дека партијата самостојно ќе ги преброи сите гласови. Според него, разликата од околу 0,38 проценти е „невообичаена“, а врз основа на нивни податоци тврди дека имаат предност од околу 50.000 гласови. Јанша посочи и на технички проблеми со системот на Државна изборна комисија на Словенија и најави дополнителни проверки.

Тој оцени дека без оглед на конечниот резултат, земјата ја очекува нестабилен политички период, додавајќи дека сегашниот изборен систем не овозможува стабилно владеење. Како можно решение ги спомена и предвремените избори.

Поддршка за Голоб стигна и од градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ кој изјави дека владата предводена од него е најдоброто решение за државата. Тој оцени дека изборниот резултат ја одразува волјата на граѓаните, и покрај острата и, според него, понекогаш некоректна кампања.

Изборните резултати засега најавуваат сложени коалициски преговори и неизвесен политички период во Словенија.

Би можело да ве интересира

Јанша не е среќен по поразот на словенечките избори

Горан Наумовски

Напната изборна ноќ во Словенија – преброени 78 проценти од гласовите, Јанша е пред Голоб

А1он

Премиерите Заев и Јанша и еврокомесарот Вархеји: Нема друга опција освен европски Западен Балкан

А1он