Интернет гигантот „Јаху“ објави дека од американските органи добил меѓу 12 и 13 илјади барања за обезбедување информации во изминатите шест месеци.
Компанијата наведува дека барањата биле упатени меѓу 1 декември 2012 и 31 мај 2013 година. Ова е уште едно откритие, направено од технолошка компанија, откако во медиумите протекоа информации кои сведочат за степенот на владините напори во собирањето на податоци.
– Најчесто овие барања се однесуваа на измами, убиства, киднапирања и други кривични истраги, наведува „Јаху“. Според компанијата, друг дел од барањата за обезбедување информации биле согласно американскиот закон за следење на активностите на странски агенти.
Технолошките компании се под притисок да објават во што точно се состои нивната соработка со Агенцијата за национална безбедност на САД, откако од неодамна објавените документи се покажа дека агенцијата со години добивала податоци за нивните корисници.