Извештај: Напуштањето на ЕУ подобро за Британија од останување во нереформирана унија

Од:

Извештај направен за потребите на Лондон и неговиот градоначалник Борис Џонсон сугерира дека напуштањето на ЕУ е подоброто решение за британскиот главен град и за Велика Британија од останувањето во една нереформираната Унија.

Автор на извештајот е британскиот банкар Џерард Лајонс, кој во овој документ изнесува осум барања за реформирање на ЕУ, што одат подалеку од оние кои ги бара премиерот Дејвид Камерон.

Британскиот премиер најави дека доколку победи на парламентарните избори во мај идната година и неговите конзервативци самите формираат влада,официјален Лондон ќе покрене нови британско-европски преговори за идниот статус на Велика Британија во Унијата и ќе организира референдум за останување или заминување од ЕУ,што би се одржал до крајот на 2017 година. Во извештајот Лајонс вели дека за Британија „најдоброто економско сценарио во наредните 20 години“ е земјата да остане во „значајно реформираната ЕУ“.

Како алтернатива, овој банкарски експерт го сугерира заминувањето од Унијата, означувајќи го тоа како „можна добра опција“.

Лајонс го советува премиерот Камерон да биде подготвен за една ваква опција, заклучувајќи дека Велика Британија, сепак, може да изнуди значајни реформи во ЕУ само доколку биде сериозна во врска со заминувањето од Унијата. Градоначалникот на Лондон, Џонсон оваа недела ќе го промовира овој извештај на еден бизнис форум во британскиот главен град и се очекува тој да застане зад заклучоците и сугестиите што ги нуди банкарот Лајонс.

Лондонскиот градоначалник заговара нови преговори со Брисел за останување на Британија во Унијата, но по спроведените значајни реформи во ЕУ.

Анализите на на Џерард Лајонс покажуваат дека бруто домашниот производ (БДП) на Лондон изнесува 350 милијарди фунти или 440 милијарди евра, што е околу една петина од БДП на целата Велика Британија. Според пресметките на Лајонс, БДП до 2034 година би можел да порасне до 640 милијарди фунти доколку земјата остане во реформираната ЕУ, определена силно кон трговијата со растечките пазари во светот кои се надвор од Унијата.

Градот во услови кога Велика Британија би била надвор од ЕУ, во следните 20 години би можел да постигне силен напредок и БДП да го зголеми до 614 милијарди фунти, додека доколку земјата остане во ЕУ, а таа не ги направи неопходните реформи, тогаш растот на лондонскиот БНП нема да биде поголем од 495 милијарди фунти. Во Лондон се верува дека објавувањето на делови од извештајот пред неговата промоциј, е „политички предизвик“ испратен до премиерот Камерон од градоначалникот Џонсон, но и уште едно навестување на неговите амбиции градската политика да ја замени со државната.

Џонсон, кој и припаѓа на Конзервативната партија на Камерон, е во средината на вториот мандат како градоначалник и важи за популарен политичар кај гласачите. Тој тврди дека останува на сегашната функција до крајот на својот мандат ,што значи дека на изборите за десет месеци нема да се кандидира за пратеник, од каде би можел да се вклучи во „високата“ политика.

Во британската политичка јавност тој важи за еден од идните главни претенденти за лидер на конзервативците, па затоа секој негов потег, како овој за лондонските перспективи, со или без ЕУ, се гледа како чекор напред кон амбициите од Градската куќа да се префрли во Вестминстер.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство