Куба го објави најдеталниот извештај на своите еминентни научници, кои ги критикуваа наводите дека американски и канадски дипломати биле изложени на мистериозни напади на тој остров поради што имале здравствени проблеми.
Во извештајот, 20 членови на Кубанската академија на науките доведоа во прашање дали различните пријавени симптоми воопшто може да се сметаат за ист синдром и оценија дека некои од предложените објаснувања ги прекршуваат основните закони на физиката.Тие, сепак, признаа дека не биле во можност да ги испитаат повеќето докази наведени од американските истражувачи.
Во извештајот се наведува дека самите американски научници ги отфрлиле предложените објаснувања дека многу болести може да се појавиле поради постоечки здравствени состојби или проблеми што се јавуваат кај секоја популација.
Американските академици во декември објавија дека „насочена, пулсирачка радиофреквентна енергија се чини дека е најприфатливо“ објаснување за болестите на американските дипломати во Куба и Кина. Кубанскиот документ го нарече заклучокот „збунувачки бидејќи извештајот не дава директен доказ за вмешаност (радиофреквенции) во настани во Хавана“.
„Ниту една позната форма на енергија не може селективно да предизвика оштетување на мозокот (ласерска прецизност) под условите опишани за наводните инциденти во Хавана“, велат кубанските научници. Тие заклучија дека единственото објаснување што не може да се исклучи е можноста психолоша сугестија да предзвика симптоми.
Околу 35 вработени во амбасадите на САД и Канада во Хавана пријавиле здравствени проблеми во текот на 2016 и 2017 година, по што американските власти тврдеа дека биле жртви на таканаречените „звучни напади“. После тоа, поголемиот дел од работата на американската амбасада во Хавана беше прекината, и таквата ситуација продолжува. Во 2017 година, Канада остро го намали бројот на дипломатскиот персонал во Хавана. Сепак, американските и канадските научници не можеа да се договорат за причината за болеста, дури и кога слични случаи беа пријавени во Германија, Австрија, Русија и Кина, а неодамна и во Вашингтон. Потпретседателката на САД Камала Харис кратко го одложи патувањето во Виетнам минатиот месец, откако беа пријавени најмалку два такви случаи во Ханој.