Новата израелска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху денеска беше одобрена од парламентот, пренесе ДПА.
За поддршка на новата израелска влада гласаа 68 пратеници, 46 нивни колеги се изјаснија против, а четворца се воздржаа од гласање.
По гласањето 22-ата министри од коалициската десноцентристичка влада положија заклетва.
Израелскиот премиер пред Кнесетот ја претстави програмата на новата влада во која приоритет ќе биде одбраната на Израел од надворешните закани и најави подготвеност за постигнување „историски компромис“ со Палестинците, доколку и втората страна на тоа биде подготвена.
-Како премиер немам привилегија да ги напуштам надворешните предизвици на Израел. Морама да го обезбедиме постоењето на државата Израел. Затоа приоритет ќе биде одбрана на земјата и нејзините граѓани, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека Иран продолжува да се приближува до преминување на „црвената линија“, обезбедување нуклеарно оружје, како и дека постои закана некое „ од најопасните оружја во светот“ да паднат во раце на терористите заради граѓанската војна во Сирија.
Лидерката на опозицијата Шели Јахимович од Лабуристичката партија на левиот центар ја критикуваше новата влада на Нетанјаху, нарекувајќи ги лидерите на партиите од влаеачката колиција „богати капиталисти кои немаат врска со народот“.
Новата влада таа ја нарече маргинална група во општеството, истакнувајќи дека сите коалициски партнери ја делат десничарската политичка идеологија, иако во неа се две нови партии од центарот.
Новата 33-та израелска влада има поддршка од 68 од вкупно 120 места во Кнесетот и во неа влегоа умерени и приврзеници на тврдата линија во односот со Палестинците.