Израелските и палестинските преговарачи се поканети да ги обноват денеска и утре мировните преговори во Вашингтон, соопшти американскиот Стејт департмент.
Американскиот државен секретар Џон Кери разговарал со палестинскиот претседател Махмуд Абас и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху и лично упатил покана до нив да испратат високи преговарачки екипи во Вашингтон, со цел официјално да бидат обновени директните преговори за конечниот статус, изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот, Џен Псаки.
Според Псаки, првите средби се планирани за вечерва и за утре. Висок советник на палестинскиот претседател изјави дека преговорите се очекува да почнат утре.
Според него, целта на првата средба е да се утврди процедурален план, која на двете страни ќе им помогне да напредуваат во преговорите во следните месеци.
Според Псаки, израелската страна ќе биде предводена од министерката за правда Ципи Ливни и специјалниот претставник на Нетанијаху, Ицак Молхо, а со палестинската делегација ќе раководат главниот преговарач Саеб Ерекат и високиот функционер на движењето Фатах, Мохамед Штаја.