Генералштабот на турската армија издаде наредба за зајакнување на безбедносните мерки на границата со Сирија.
Во денешното соопштение на Генералштабот се наведува дека овие мерки се преземаат поради неопходноста од „спречување на заканата која доаѓа од другата страна на границата“. Во документот пишува дека турските воени единици возвраќаат на нападите од сириска страна, во кои има човечки жртви и материјални штети.
Поради жестоките борби во Сирија во близина на границата со Турција, турски авиони-ловци Ф-16 вршат постојани разузнавачки летови во пограничните реони. На пилотите и операторите им е дозволено „да возвратат во случај на напад“, пишува весникот „Милиет“.
Според весникот, Анкара стравува поради повеќедневните жестоки борби на сириските територии, кои граничат со Турција, меѓу вооружени групи на сириските Курди и исламисти поврзани со Ал Каеда.