Избирачките места во Турција се затворени. Првите резултати и податоци за излезноста би можеле да ги добиеме околу 19 часот по македонско време, но конечниот резултат се очекува околу 22-23 часот.
По гласањето во Истанбул, Ердоган рече дека ова е прв пат во историјата на Турција да се одржи втор круг од изборите во земјата. Тој ја пофали големата излезност на граѓаните во првиот круг на 14 мај и рече дека и овој пат очекува голема излезност.
Во првиот круг гласале околу 87 отсто од граѓаните со право на глас.
„Ниту една земја во светот нема излезност од речиси 90 проценти. Ги молам моите сограѓани да дојдат да гласаат“, рече актуелниот шеф на државата.
Ердоган важи за фаворит во вториот круг од изборите, а гласаше во својата изборна единица Ускудар на азиската страна на Истанбул. Тој на гласачкото место пристигна во придружба на сопругата Емина. Тој исто така беше пречекан и испратен од голем број поддржувачи.
Според него, гласањето ќе биде брзо завршено со оглед на тоа што во трката за претседател има само двајца кандидати.