Руската одбрана нема да ослабне, ако не и бидат испорачани француските воени бродови од типот „Мистрал“, изјави денеска шефот на Кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин, Сергеј Иванов.
Како што јави ТАСС, Иванов нагласи дека по одлуката на Париз за блокирање на испораката на двата носачи на хеликоптери на Русија, Москва разгледува две варијанти – или да и бидат предадени бродовите или да и биде исплатена отштета.
– Имаме две варијанти – бродови или пари. Можам отворено да ви кажам дека одбраната на нашата татковина нема да ослабне без „Мистралите“, изјави Иванов на средба со новинари.
Договорот за изградба на двата носачи на хеликоптери за руската Воена морнарица во француско бродоградилиште, вреден 1,2 милијарид евра, Русија и Франција го потпишаа во јуни 2011 година. Првиот „Мистрал“ наречен „Влдивосток“ беше пуштен во вода во октомври 2013 година, а вториот – „Севастопољ“, треба да биде готов следната година.
Париз, меѓутоа, донесе одлука да не и ги испорача бродовите на Русија, поради кризата во Украина. Франција ја условува испораката на носачите на хеликоптери со исполнување на Договорот од Минск за прекин на огнот меѓу украинските сили и проруските сепаратисти во источна Украина.