Италијанската полиција денеска соопшти дека уапсила 38 лица, вклучувајќи ги речиси сите членови на Градското собрание на градот Скале во јужна Италија, поради наводни врски со мафијата.
Полцијата изврши рација на повеќе адреси во јужна Италија, во рамки на најновата акција против корупцијата на локалните власти, при што се уапсени повеќе членови на Градското собрание, вклучувајќи го и градоначалникот.
Во соопштението се наведува дека Пасквале Базиле, кој од 2010 година се наоѓа на чело на градот со 11 илјади жители, е осомничен дека посредувал меѓу двата мафијашки кланови и дека им доделувал договори на мафијашките фирми.
Освен Базиле, уапсени се петмина од шест членови на Градското собрание, а во тек е и истрага против шефот на локалната сообраќајна полиција поради „поврзаност со криминални организации“.
Во рамки на истата акција, италијанската полиција изврши апсење во градовите Бари, Матери, Салерно и Терни.
Уапсените, меѓу останатото се обинети за изнуда, киднапирање, измама и нелегално чување на оружје, а полицијата соопшти и дека денеска запленила имот вреден вкупно 60 милиони евра.