Турист од Италија загина по напад на ајкула во Колумбија. Нападот се случил во петокот на островот Исла де Сан Андрес во Карипското Море, пишуваат локалните медиуми.
Италијанец загинал во туристичкото место Ла Писинита кога ајкула неколку пати го каснала за десната нога. Тој бил пренесен во болницата Кларенс Линд Њубал, но изгубил премногу крв и умрел.
Локалниот весник The Archipelago Press пишува дека 56-годишниот Италијанец бил нападнат од тигреста ајкула (Galeocerdo cuvier), која се смета за една од најопасните видови ајкули. Веднаш по нападот било објавено и видео на кое наводно се гледа ајкулата.
Овој вид ајкула вообичаено не живее во колумбиските води, но во последно време се почесто може да се види. Локалните власти го истражуваат случајот и им порачуваат на луѓето да не се капат на таа локација.