Холандските државни јавни обвинители, кои ја истражуваат несреќата со авионот на Малезија Ерлајнс на летот МХ17, сметаат дека постои можност леталото да е урнато од друг авион, изјави државниот јавен обвинител Фред Ветербејкеј.
Руската влада претходно соопшти дека поседува радарски снимки, кои покажуваат дека Боингот 777 го уранал украински воен авион, кој летал во негова близина, меѓутоа официјалните лица од Запад никогаш јавно не ја прифатија оваа теорија.
Во интервју кое е објавено во германски „Шпигел“,Ветербејкеј вели дека Холанѓаните ќе бараат Москва да им даде информации за тоа што ги навело на таков заклучок.
-Врз основа на информациите со кои располагаме најверојатно е дека авионот е урнат со ракета земја-воздух, но не ја отфрламе и можноста дека можело да биде поинаку. Подготвуваме прашања за Москва, а ќе бараме и податоци од радарската снимка- рече тој за „Шпигел“.
За потсетување неколку дена по несреќата САД објави дека има доказ за тоа дека авионот е урнат со ракета земја-воздух, која ја испалиле припадници на проруските сили, кои окупираа делови на источна Украина.
Инаку авионот на Малезија Ерлајнс со 289 патници и челнови на екипажот беше урнат на 17-ти јули, во источна Украина. Повеќе од две третини од жртвите беа холандски државјани, поради што Холандија спроведува меѓународна истрага за несреќата.
Е. Г.