Првиот потпретседател на Иран, Мохамед Реза Ареф, потпиша Резолуција, одобрена од Советот на министри со која на жените им се даваат дозволи за возење мотоцикли и скутери.
Жените во Иран сега можат формално да добијат дозволи за возење мотоцикли и скутери, објави новинската агенција Илна, со што се стави крај на долгогодишната правна несигурност околу двотркалните возила, објави Ле Фигаро.
Според сообраќајниот закон, на жените не им беше експлицитно забрането да ги возат, но во пракса властите не им издавале дозволи. поради оваа двосмисленост, па тие беа правно одговорни во случај на несреќа, дури и ако самите се жртви.
Законот сега ја обврзува сообраќајната полиција да обезбеди практична обука за кандидатки, да организира испит под директен полициски надзор и да им издава дозволи за возење мотоцикли на жените, соопшти Илна.
По Исламската револуција во 1979 година, на жените им беше забрането да учествуваат во одредени активности некое време, а посебен предизвик за нив беше кодексот на облекување – тие мораа да ја покриваат косата со шамија (хиџаб) во јавност и да носат скромна, широка облека.
Во последниве години, тие сè повеќе ги прекршуваат правилата. Овој тренд се забрза од 2022 година, по смртта на Махса Амини, млада Иранка која беше уапсена за наводно кршење на кодексот на облекување. Нејзината смрт предизвика протести низ целата земја, за време на кои многу жени бараа поголеми слободи.
