Истекоа лични податоци на речиси 200 милиони американски граѓани

Од:

Маркетиншката фирма, која ја ангажираше Републиканскиот национален комитет случајно објавила чувствителни податоци за речиси 200 милиони американски граѓани.

Количински, околу 1,1 терабајт податоци се објавени, а меѓу нив можат да се најдат датуми на раѓање, адреси, телефонски броеви и политичката определност на речиси 62 отсто од целата популација на САД.

До податоците можело да се пристапи преку Амазон клауд сервер, доколку поединецот имал врска со тој сајт, јавува Би-Би-Си.

Голема количина на податоци откри аналитичарот за сајбер ризик, Крис Викери од фирата „АпГард“.

Информациите се собирани на разни начини, од пораки на форумите на „Редит“ до комитетите за собирање средства за Републиканската партија.

Собраните информации се внесени во табели и ставени на сервер во сопственост на „Дип рут аналитикс“, а последен пат се ажурирани во јануари, кога претседател на САД, Доналд Трамп е инаугуриран.

Не е познато колку време информациите биле достапни на Интернет.

– Ја преземаме целата одговорност за оваа ситуација. Врз основа на информациите, кои ги собравме, не изгледа дека нашите системи се хакирани, изјави за вебсајтот „Гизимодо“, основачот на „Дип рут аналитикс“, Алекс Ландри.

Освен личните податоци можеле да се најдат и религиското определување на граѓаните, етничката припадност и политичкото определување, меѓу кои и нивните ставови за контроверзни теми, како што се контролата на оружјето, правото на абортус и истражувањето на матичните клетки.

Иако е познато дека политичките партии редовно собираат податоци за гласачите, ова е најголемо истекување информации во САД до денеска и експертите за приватност се загрижени околу количината и размерот на информации, кои се собрани.

– Ова е загрижувачки. Ова не се само чувствителни, туку интимни податоци, меѓу кои може да се најдат предвидувања за човечкото однесување, мислење и верување, кои луѓето никогаш не одлучиле да го кажат некому, изјави претставничка на „Прајваси интернершнл“, Фредерика Калтхојнер.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија