Премиерот на Исланд Сигмундур Давид Гунлаугсон ја понуди денеска својата оставка поради кризата предизвикана од т.н. Панамски документи, јавија локални медиуми.
Гунлаугсон, претходно побара од претседателот Олавур Рагнар Гримсон дозвола да го распушти Парламентот, но во телевиското обраќање тој тоа го одби.
Гримсон, кој ја прекина посетата на САД, објасни дека сака пред тоа да ги слушне ставовите на Партијата за независност – коалициски сојузник на премиерот и на неговата Прогресивна партија, за да се запознае со нивните позиции.
По средбата со премиерот, Гримсон изјави дека не е подготвен да го распушти Парламентот, пред да се проучат алтернативните можности, јави ДПА.
– Одбив да потпишам декларација за распуштање на Парламентот и го известив премиерот дека не можам да се согласам пред да разговарам со лидерите на останатите партии, за да разберам каков е нивниот став, рече тој.
Премиерот Гунлаугсон објави утрово дека е подготвен да го распушти Парламентот и да свика предвремени избори „ако парламентарците од Партијата на независност сметаат дека не можат повеќе да ја поддржуваат Владата“.
Непосредно пред враќањето на претседателот во земјата, илјадници демонстранти побараа премиерот Гунлаугсон да си замине од функцијата, фрлајќи јајца и јогурт врз зградата на Парламентот.
Премиерот Гунлаугсон и министерот за финансии, Бјарни Бенедиктсон, кој, исто така, го скрати својот престој на Флорида за да се врати во земјата, се наведени во финансиските документи познати како Панамски документи, што ги објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ).
Според „Панамските документи“ 41-годишниот Гунлаугсон и неговата сопруга, Ана Сигурлауг Палсотир, во декември 2007 година ја купиле офшор компанијата „Винтрис инк“, на Девствените острови. На крајот на 2009 година тој на сопругата и го продал својот удел од 50 отсто за симболична сума од еден долар, пренесуваат француските медиуми.
Нему му се забележува дека кога бил избран во Парламентот, во април 2009 година, кало член на Прогресивната партија на десниот центар, не го пријавил уделот во сопственоста на холдингот.