Очекуваните американски воени удари во Сирија покренаа тревога не само меѓу владините сили, туку и кај бунтовниците, особено кај исламистичките групи поврзани со Ал Каеда, кои стравуваат дека и тие самите се цел.
Посебно загрижени се најискусните странци меѓу екстремистите, кои од прва рака ги познаваат американските воени кампањи и ударите со беспилотни авиони по борци на Ал Каеда во регионот.
Исламистите веќе испразниле многу од базите, и преместиле жива сила, возила и оружје, велат бунтовници и извори блиски до поврзаните со Ал Каеда борци.
„Исламска држава во Ирак и Леванте евакуираа многу од центрите, главно во северна и источна Сирија . Тие ги засилија мерките за безбедност на емирите (лидерите), менувајќи ги нивната локација и автомобили, бидејќи стравуваат дека во автомобилите се поставени чипови за следење“ изјави извор во Либан, кој е близок до поврзани со Ал Каеда групи во Сирија.
Чарлс Листер, аналитичар во Центарот за истражување на тероризмот и екстремизмот Ај Ејч Ес Џејн посочи дека засега нема никакви знаци дека Западот планира напад врз опозициските исламистички групи во Сирија.
– Сепак, тие се свесни дека ќе изгубат многу ако не преземат мерки. Сирија им обезбеди на џихадистите драгоцена можност да зачекорат цврсто во центарот на Блискиот Исток, рече тој.