Иран денеска потврди дека нивната прва вакцина против Ковид-19 е ефикасна во 90 проценти од случаите, покажаа првичните резултати од клиничките испитувања.
Мохамед Реза Салехи, кој ги предводи клиничките испитувања за „КОВИран Барекат“, за иранската агенција ИРНА изјави дека тестовите врз волонтерите кои учествувале во првата фаза од тестирањето покажале подобри резултати отколку што се очекувале.
-Прелиминарните резултати покажуваат дека 90 проценти од луѓето кои примија две дози од вакцината имаат докази за развој на имунитет, рече Салехи.
Ирански официјални лица претходно соопштија дека „Барекат“ е 100-процентно ефикасен против британската мутација на Ковид-19.
Вкупно 56 волонтери на крајот на декември ја примија првата доза на вакцината, а втората во февруари.
Втората фаза од тестирањето треба да почне пред крајот на иранската календарска година на 20 март и ќе трае до мај.
Вакцината „Бареказ“ ја развива државната организација „Сетад“.
„Бареказ“ не е единствената иранска вакцина што се развива, бидејќи втората е „Рази Ков-Парс“, што наскоро треба да почне да се тестира на луѓе.
Официјални ирански лица се надеваат дека вакцинирањето на населението со домашната вакцина ќе почне за неколку месеци.
Иран, истовремено, се обидува да воведе неколку вакцини, вклучително и вакцини од универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“, кинеската „Синофарм“ и индиски „Берат“.
Досега во Иран е пристигната само руската вакцина „Спутник V“, но во помали количини, која во моментов е наменета за здравствените работници кои се борат против Ковид-19.