Иранската револуционерна гарда (ИРГК) вети дека ќе се одмазди за смртта на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи, објави германската агенција ДПА.
„Убијците на имамот на нацијата нема да избегнат строга, решителна и застрашувачка казна“, се вели во соопштението на Гардата утрово, кое го пренесе либанската проиранска милиција Хезболах.
Во соопштението се додава дека ИРГК, иранските вооружени сили и паравоените сили Басиџ ќе се справат со „внатрешни и надворешни заговори“ и ќе ги казнат агресорите со „застрашувачки и примерен одговор“.
Исто така, ИРГК ги повика сите делови од општеството да учествуваат во одбраната на земјата и да покажат солидарност и национално единство кон светот.
Под водство на Хамнеи, ИРГК прерасна во водечка воена сила и стана повлијателна од редовната армија.
Иранските државни медиуми потврдија во неделата дека ајатолахот е мртов. Тој беше убиен како „маченик“, објавија новинските агенции ИРНА и Фарс. Иранското раководство прогласи 40-дневна жалост, според иранската државна телевизија.
Верскиот водач одигра клучна улога во обликувањето на домашната и надворешната политика во текот на изминатите децении, развивајќи ја Исламската Република во моќен регионален играч.
Нападите во саботата беа насочени кон клучни локации каде што се состануваше раководството на Иран, при што беа убиени високи функционери, вклучувајќи го министерот за одбрана и шефот на ИРГК, соопшти претходно израелската војска.
Нападот, за кој Црвената полумесечина соопшти дека загинале повеќе од 200 луѓе, предизвика ирански одмазднички напади врз израелските и американските воени бази на Блискиот Исток.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран во соопштението изјави дека „мачеништвото на имамот Али Хамнеи ќе го означи почетокот на големо востание против тираните на овој свет“.
Советот беше основан во август за да ја централизира воената стратегија по 12-дневната војна во која Израел и САД го нападнаа Иран.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го предупреди Иран на својата социјална мрежа Truth Social. Трамп напиша дека Иран „само изјавил дека денес ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш биле погодени“, а потоа упатил закана.
„ПОДОБРО ДА НЕ ГО НАПРАВАТ ТОА, ЗАТОА ШТО АКО ГО НАПРАВАТ, ЌЕ ИМ ВРАТИМЕ СО СИЛА КАКОВ НИКОГАШ ДОСЕГА НЕ СЕ ВИДЕНИ!“
