Иран денеска ги негираше американските тврдења дека неговата балистичка ракета, што беше лансирана во неделата, се распаднала набрзо по полетувањето, нагласувајќи дека тестот бил успешен.
– Тестирањето на ракетата во неделата беше успешно. Со тоа не е прегршен Договорот за нуклеарната програма со светските сили или која било резолуција на ОН, изјави денеска иранскиот министер за одбрана, Хосеин Дехган.
Во истовреме, советникот на иранскиот врховен верски лидер, ајатолахот Али Хаменеи, Али Акбар Велајати денеска изјави дека Иран „нема да биде запрен од заканите од САД“ поради тестот.
– Не е првпат неискусна личност, каков што е претседателот на САД Доналд Трамп, да и се заканува на Исламската Република (Иран). Американските власти треба да сфатат дека со заканите против Иран нема да постигнат ништо, изјави Велајати.
– На Иран не му треба дозвола од ниту една земја за да се брани себе си, дополни тој.