Министерството за надворешни работи на Иран ги прогласи денешните воздушни напади на САД врз Иран за „јасно кршење“ на националниот суверенитет на земјата. Техеран, исто така, издаде строго предупредување до земјите од Блискиот Исток кои се домаќини на американски сили, велејќи дека тие самите би можеле да бидат цел доколку нападите врз Иран се повторат.
– Иранските вооружени сили нанесоа голема штета на американските бази и позиции во регионот кои служеа како почетна точка за овие напади“, се вели во официјалното соопштение на танското МНР, додавајќи дека Иран „нема да се двоуми да ги нападне самите извори на нападите“.
Иран денес лансираше бранови ракети и беспилотни летала врз цели во Бахреин, Кувајт и Јордан. Техеран го стори ова откако САД претходно извршија напади врз иранските позиции во близина на Ормутскиот теснец, што Вашингтон го опиша како одмазда за соборувањето на воениот хеликоптер Апачи.
Во овој момент, сè уште не е официјално потврдено дали и до кој степен американските воени објекти во регионот претрпеле штета во овие последни напади, но воздушната одбрана е активирана во сите три нападнати земји. Како што објавува CNN, официјален коментар за последиците од нападот е побаран и од Централната команда на американската армија (CENTCOM).
Додека ситуацијата на терен ескалира, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, одржа итни телефонски разговори со своите колеги во Саудиска Арабија и Турција, потврди министерството во посебно соопштение.
Овие закани се директно поврзани со соопштението од Техеран, во кое иранското Министерство за надворешни работи им порача на соседните земји во Персискиот Залив дека имаат „правна и морална одговорност“ да спречат воени дејствија на САД и Израел.
„Сите земји во регионот, особено оние што се наоѓаат по должината на јужните брегови на Персискиот Залив, имаат правна и морална одговорност да спречат американската војска и Израел да ја користат нивната територија или воени објекти за планирање, организирање, спроведување или поддршка на непријателски дејствија против Иран“, соопшти иранското министерство.
