Од почетокот на годината во Средоземното Море се удавиле 1.750 илегални имигранти при нивниот обид да стигнат до Европа, што е дури за 30 пати повеќе во однос на бројот на жртви во истиот период во 2014 година, соопшти денеска Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
– ИОМ пресмета дека бројот на лица кои се удавиле од почетокот на годината е за 30 пати поголем во однос на истиот период лани, кога се пријавни само 56 случаи на давање во Медитеранот, изјави портпаролот на ИОМ, Џоел Милман на прес-конференција во Женева.
Според Милман, ИОМ стравува дека вкупниот број од 3.279 удавени илегални имигранти во текот на 2014 година, би можел да биде надмината веќе во следните неколку недели.
– До крајот на годината (бројот на давеници) би можел да порасне на дури 30.000, имајќи предвид колкава е цифрата на загинати досега, нагласи Милман.
На истата прес-конференција, портпаролот на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНЦХР), Адријан Едвардс изјави дека при потонувањето на бродот со илегални имигранти во неделата крај брегот на ЛИбија, загинале 800 лица.
– Ова е досега најсмртоносен инцидент во Медитеранот, истакна Едвардс.
Тој додаде дека само во текот на овој месец во неколку несреќи во Средоземното Море се удавиле 1.300 лица, со што овогодишниот април станал месец со најголем број жртви од кога се води ваква евиденција.