Делегација на ОН задолжена за истрага за тврдењата за употреба на хемиско оружје во Сирија, денеска пристигна во Дамаск, што е прва посета на ОН за таа цел.
Делегацијата ја предводат шведскиот експерт за хемиско оружје Оке Селстром и високиот претставник на генералниот секретар на ОН за разоружување Анџела Кејн, кои во Дамаск пристигнаа утрово од соседен Либан.
Сириската Влада ги повика на разговори за условите за можна истрага на ОН за употребата на хемиско оружје во земјата.
Сирискиот режим и бунтовниците кои се борат за соборување од власт на претседателот Башар Асад се обвинуваат меѓусебно дека на 19 март во селото Кан ал-Асал, крај градот Алепо, употребиле хемиско оружје.