Индонезија денеска официјално ја одби понудата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете држави.
Претставник на Министерството за надворешни работи изјави дека Џакарта ќе опстојува во ставот да нема официјални односи со Тел Авив, се додека не се реши признавањето на самостојна и суверена палестинска држава.
Индонезиските власти денеска јавно го соопштија и незадоволството од пишувањето на група тамошни новинари кои неодамна беа гости на Израел по лична покана од премиерот Нетанјаху. Известувачите по разговорите со израелскиот премиер пренагласено ги пренесувале неговите ставови за неопходноста за воспоставување на официјални односи . Понудата на Израел дошла непосредно по посетата на индонезиските новинари.
Според дипломатите во Џакарта, Израел и порано се обидувал на „мала врата’’ да ги подобри односите со Идонезија, промовирајќи ги можностите за туристичка и бизнис соработка меѓу двете држави. Официјална Џакарта го повтори ставот дека со вакви потези за промовирање на економската, Израел се обидува да ја наметне идејата за политичка соработка.
Критики на обидите на Израел дојдоа и од индонезискиот Парламент, чиј претставник потсети дека Индонезија и во Уставот го има нотифицирано правото на секој народ да формира сопствена држава.
Индонезија во рамките на Обединетите нации ја предводи групата држави кои бараат полноправно членство на Палестина во ОН и другите меѓународни организации. Палестинското прашање беше и главна тема на неодамнешниот амит на Исламската Конференција за соработка. Пред самитот имаше интензивни дипломатски преговори меѓу претставници на Индонезија и Израел. Поради неотстапувањето на Израел по палестинското прашање на собирот во Џакарта беше донесена декларација со која се бара Израел целосно да ги почитува палестинските права, а на државите членки на Конференцијата им беше предложено да ја прекинат економската соработка со Израел.