Јапонската Влада го поддржа ставот на претседателот на Индонезија за целосно почитување на поморското право и заштита на сувереноста на територијалните води.
Пораката од Токио ја пренесе јапонскиот амбасадор Јасуаки Танизаки, како прва официјална реакција од државите во регионот, по потопувањето на три виетнамски рибарски брода што илегално ловеа во територијалните води на Индонезија.
Воената морнарица на Индонезија минатиот петок ги потопи виетнамските рибарски бродови, од кои претходно биле евакуирани екипажите кои сега се на испитување.
Исполнувањето на најавата на претседателот на Индонезија Јоко Видодо дека Морнарицата ќе делува ригорозно против илегалните рибари е и дел од заштитата на економските интереси на оваа 250 милионска држава.
Џакарта соопшти дека најмалку 250 странски рибарски бродови секојдневно илегално ловат во морските води што се дел на Индонезија, која поради криволовството губи над 20 милијарди долари годишно.
Јапонскиот амбасадор во Џакарта ја пренел пораката на премиерот Шинзо Абе за подготовеноста на Јапонија технички и финансиски да ги поддржи плановите на Индонезија за модернизација на воената и рибарската флота и за изградба на нови пристаништа во пространиот Индонезиски Архипелаг.