Во шумски пожар, што брзо се шири во северна Калифорнија, повредени се неколку лица и уништени се неколку домови, а илјадници жители се принудени да се евакуираат, што ги блокирало патиштата на почетокот на празничниот викенд во САД, јавуваат американските медиуми.
Пожарот, наречен Мил, вчера избувна на имотот на фабриката што произведува фурнир и брзо ги зафати домовите во блиската населба Линколн Хајтс, предизвикувајќи наредба за евакуација на илјадници лица, соопштија локалните власти на градот Вид.
Наредбите за евакуација се однесуваа на целиот град Вид и блиските заедници на езерото Шастина и Еџвуд и зафаќаат вкупно население од околу 7.500 лица.
Помогнат од ветровите со брзина од 56 километрина час, пожарот до синоќа веќе уништи 10 квадратни километри земја.
Многу места во областа се останати без струја. Околу 9.000 потрошувачи, од кои голем дел се во Вид, вчера на пладне беа погодени со исклучување на електричната енергија, соопшти локалниот електродистрибутер, додавајќи дека одлука е последица на пожароот, пренесуваат американските меидуми.
Противпожарната служба соопшти дека во пожарот има неколку повредени.
И во Јужна Калифорнија, пожарникарите вчера продолжија да се борат со двата големи пожари и покрај опасните временски услови, а седум лица се третирани од топлотен удар.
Американските медиуми наведуваат дека во пожарите се уништени две згради, а сите наредби за евакуација се укинати.
Калифорнија е под влијание на продолжен топлотен бран. Температурите се толку високи што тоа влијаат врз електричната стабилност поради поголема употреба на уреди за ладење, па од жителите се бара да штедат електрична енергија во доцните попладневни и вечерни часови, наведуваат американските медиуми.
Извор: МИА