Канадските власти го идентификуваа извршителот на вчерашниот напад на канадскиот Парламент. Тоа е 32-годишниот канадски државјанин Мајкл Захаф-Бибо, на кого неодамна му бил одземен пасошот, бидејќи разузнавачките служби го сметале за „патник со висок ризик“, изјавиле канадски официјални претставици за весникот „Глоуб енд мејл“.
Слично на мажот, кој уби со автомобил еден војник во предградие на Монтреал, и Зехаф-Бибо се наоѓал на списокот со 90 Канаѓани, кои се осомничени за организирање напади во земјата.
Отава неодамна повика да се внимава на евентуални радикални дејствија на нејзина територија, откако земјата се вклучи во меѓународната коалиција, предводена од САД, во борбата против групата Исламска држава (ИД) во Ирак.
Канадската полиција не сакала да шпекулира за мотивите на вчерашниот напад, во кој покрај напаѓачот загина и еден војник.
Канадскиот премиер Стивен Харпер остро го осуди нападот, нагласувајќи дека станува збор вандалски чин и оти е важно во моментот да се зачува функционирањето на Владата и Парламентот.
Тој се наоѓал во Парламентот и разговарал со пратениците во моментот кога напаѓачот влегол во зградата, по што отворил оган врз војникот, кој го чувал споменикот во близина.
Војникот им подлегнал на повредите, а напаѓачот е убиен од полициските сили кои биле во потрага по него низ зградата на Парламентот. Во престрелката бил повреден и еден припадник на обезбедувањето на законодавниот дом, додека најмалку три лица биле пренесени во болница.
Истрели се слушнале и во трговскиот центар кој се наоѓал во близина на Парламентот.