Работа на владите е да ги проценуваат ризиците при користење на воздушниот простор од страна на цивилната авијација, изјави раководителот на Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА), Тони Тајлер.
Прашањето за летовите над конфликтните зони повторно е стана актуелно по падот на малезискиот авион на летот МХ17 над источна Украина.
Претседателот на „Емирејтс ервејс“, една од најголемите светски авиокомпании, во неделата ја повика ИАТА да свика меѓународна средба на авиокомпаниите за да се разгледа прашањето како авионската индустријата да одговори на „соборувањето на авионот“.
Но, оваа организација стационирана во Женева, во која членуваат околу 200 авиокомпании од целиот свет, денеска излезе со ставот дека владите и националните власти за контрола на воздушниот сообраќај ја носат одговорноста за давањето информации за безбедноста на воздушните коридори и за неопходните ограничувања.