Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ разговараше во Атина со украинскиот претседател Володимир Зеленски и во таа прилика ја потврди силната поддршка за украинскиот народ и најави нов пакет помош за Украина во вредност од 30 милиони евра.
„Ќе продолжиме да работиме на ова на ниво на министри за инфраструктура и транспорт и секако ќе продолжиме со политичка и воена помош. На владиниот состанок во четврток ќе имаме нов пакет воена помош за Украина, така што тоа му го соопштив и на Зеленски“, истакна Пленковиќ и додаде дека вредноста на помошта ќе биде околу 30 милиони евра, пренесува Хрватската радио телевизија.
Исто така, се зборуваше за обид за користење на хрватските пристаништа за извоз на жито.
Од хрватските пристаништа веќе се извезени неколку илјади тони жито. Најголем дел отиде во Италија, дел во Северна Африка, но со новите околности на Црното Море оваа тема повторно стана актуелна“, рече Пленковиќ.
Тој нагласи дека „поентата“ е што ова „е транзит преку Хрватска до трети земји“.
Пленковиќ најави голема меѓународна конференција посветена на Украина во октомври, на која Хрватска, заедно со други актери од ЕУ и други меѓународни организации, ќе го започне процесот на помагање во процесот на деминирање на таа земја.