Христијанските поглавари по првпат во заедничка декларација предупредуваат на опасностите од климатските промени

Од:

Тројцата главни христијански лидери ги здружија силите за да предупредат дека светот се соочува со критичен момент бидејќи климатската криза ја загрозува иднината на планетата, пренесува Гардијан.

Во заедничката декларација без преседан, папата Франциск – водач на Римокатоличката црква, вселенскиот патријарх Вартоломеј – духовниот водач на Православната црква и архиепископот од Кантербери, Џастин Велби, кој е предводник на глобалната англиканска заедница, го повикуваат светското население – „без оглед на нивните верувања или светоглед“ – да „го слушнат плачот на Земјата и луѓето што се сиромашни“.

Во нивната изјава се вели: Денес, ние ја плаќаме цената (на климатската вонредна состојба) … Утре може да биде полошо“. Тие констатираат дека „ова е критичен момент. Иднината на нашите деца и иднината на нашиот заеднички дом зависат од тоа“.

Верските поглавари побараа од луѓето да се молат за светските лидери пред КоП26 (Cop26), глобалниот самит за климата што ќе се одржи во Глазгов оваа есен, а секој одделно да направи „значајни жртви заради планетата, работејќи заедно и преземајќи одговорност за тоа како ги користиме нашите ресурси “.

Луѓето со „далекусежни одговорности“ треба да ја водат транзицијата кон праведни и одржливи економии.

„Ние стоиме пред суров избор: губење на биолошката разновидност, деградација на животната средина и климатските промени се неизбежните последици од нашите постапки, бидејќи лакомо потрошивме повеќе од ресурсите на Земјата отколку што може да издржи планетата. Но, ние исто така се соочуваме со длабока неправда: луѓето што ги сносат најкатастрофалните последици од овие злоупотреби се најсиромашните на планетата и се најмалку одговорни за нивно предизвикување“, посочуваат верските лидери.

Светот „веќе е сведок на последиците од нашето одбивање да ја заштитиме и зачуваме (планетата). Сега, во овој момент, имаме можност да се покаеме, да се свртиме одлучно и да тргнеме во спротивна насока. Ние мора да се стремиме кон великодушност и правичност при начинот на кој живееме, работиме и користиме пари, наместо себична добивка“.

За доброто на денешните деца, „ние мора да избереме да јадеме, патуваме, трошиме, инвестираме и живееме поинаку, размислувајќи не само за непосреден интерес и добивки, туку и за идните придобивки. Се каеме за гревот на нашата генерација“, истакнуваат тројцата поглавари.

Тие велат дека ова е првпат тројцата верски водачи „да се чувствуваат принудени заедно да се справат со итноста на одржливоста на животната средина“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Сталоне во Ватикан, разменија боксови со папата: Ги гледав твоите филмови

Предраг Петровиќ

Папата го прими актерот Силвестер Сталоне и неговото семејство во Ватикан

Обвинителот на Ватикан откри дека има нови индиции за мистериозното исчезнување на Емануела Орланди

Гол маж се качи на олтарот во базиликата Свети Петар

Ана Ололовска

Влезе со автомобил низ портите на Ватикан: Се упати кон дворот на палатата, полицијата пукаше

Папата Франциско: Подготвен сум да ја посетам Украина, но само ако можам да одам и во Москва

Ана Ололовска