Северна Кореја располага со капацитет да истрела нуклеарно оружје и ќе употреби ракета со нуклеарна глава како соодветна реакција доколку биде нападната, информираат британските медиуми, повикувајќи се на денешното интервју на амбасадорот на Пјонгјанг во Велика Британија.
-САД немат монопол врз нападите со нуклеарно оружје, посочи амбасадорот Хон Хак-бон во интервјуто за телевизијата „Скај њуз“ во дипломатската мисија на Северна Кореја во Лондон.
Запрашан дали тоа значи дека Северна Кореја, која во 1993 година се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, сега располага со капацитет да истрела нуклеарна ракета, тој одговори: „Да, во секое време“.
Амбасадорот Хон додаде дека неговата земја е подготвена да одговори „на конвенционална војна со конвенционална војна и на нуклеарна војна со нуклеарна војна“.
-Не сакаме војна, но не ни е страв од војна, изјави тој.
Експертите нагаѓаат дека Северна Кореја не располага со големо количество нуклеарни бомби. Од 2006 година таа изведе три нуклеарни проби.
Но, меѓу експертите нема едногласност во однос на тоа колку далеку таа е стигната во разработката на технологијата што е неопходна за намалување на боевите глави на начин што тие ќе можат да се постават на ракети, забележуваат американските медиуми.