Холандските власти уапсија деветнаесет годишна жена поради сомнеж дека регрутирала џихадисти за борба со радикалните исламски бунтовници во Сирија.
-Девојката е приведена и ќе остане во притвор во текот на истрагата, изјави портпаролката на канцеларијата на јавниот обвинител во Хаг, Николет Стел.
Во Холандија расте загриженоста поради тоа што младите холандски муслимани се регрутираат за учество во борби во Сирија, а британско истражување покажа дека најмалку 197 холандски државјани се борат против силите на претседателот Башар ал Асад.
Полицијата ја уапсила девојката во градот Зутермер источно од Хаг, откако неколку семејства се пожалиле на властите дека нивни роднини се борат во Сирија.
Според наводите на обвинителството иако властите не можат да ги спречат потенцијалните џихадисти да ја напуштат Хоалндија, тие може да работат на спречување на нивно регрутирање, кое е противзаконско и за кое е предвидена казна од четири години затвор или парична од 78.000 евра.
Адвокатот, Барт Нојтедагт кој што ги застапува другите холандски државјани, обвинети за наводно регрутирање на џихадисти за борба во Сирија за „Франс прес“ рече дека е тешко да се докажат тие случаи.
– Мора да имате некој кој се вратил од Сирија и кој сам ќе рече дека бил регрутиран. Мора да постои доказ, како телефонски разговори или мејлови со кои би потврдиле дека станува збор за регрутирање, рече тој и додаде дека изјавите на роднините едноставно не се доволни.
Елена Георгиевска