Холандскиот премиер Марк Руте изјави денеска пред конференцијата на европратениците во Хаг дека е целосен противник на референдумите.
Тој го нарече катастрофален резултатот од референдумот во Холандија во април за спогодбата меѓу Европската унија и Украина.
– Во Холандија имавме референдум и тоа доведе до катастрофални резултати. Јас сум целосен противник на референдумите и навистина сум категорично против референдуми за мултиратерални договори. Тоа е сосема бесмислено. Не може една земја да решава за цела Европа дали да потпише или не договор со друга земја, додаде Руте.
Прашањето за референдумите е особено актуелно, со оглед на тоа дека следната недела Британците на референдум ќе се изјаснат за тоа дали се за останување на земјата во ЕУ.
Холандија, која е ротационен претседавач на ЕУ до крајот на јуни, е единствената земја од Унијата, која не ја ратификуваше спогодбата со Украина.