Холандската тинејџерка, позната само како Ајша (19), чија мајка помагаше таа да се врати од Сирија каде во февруари годинава замина за да им се приклучи на џихадистите, е обвинета од холандските власти за загрозување на државната безбедност.
Младата Ајша беше уапсена веднаш, кога се врати во својот дом во холандскиот град Мастрихт.
Претходно, таа премина во исламската вера и го смени името, а пред два месеци преку Турција, замина за Сирија во градот Рака, што важи за силно упориште на џихадистите на групата Исламска држава (ИД). Таму, Холaнѓанката Ајша требаше да се бори, да им помага на џихадистите, но и да се омажи со еден од пропадниците на оваа милитантна група на сунитските муслимани.
Според холандските медиуми, нејзин сопруг требало да биде холандскиот Турчин, Омар Јилмаз, кој изјавил дека Ајша претходно требало да се омажи за еден друг џихадист кој во меѓувреме бил убиен.
Јилмаз, кој е холандски државјанин, претходно бил војник на армијата на Холандија и важи за добро обучен професионалец.
Мајката на Ајша, патуваше во Турција и од турско-сириската граница покрена операција за да ја врати својата ќерка во Холандија и покрај несогласувањето на владата во Хаг. Засега не се знае, дали мајката на Ајша влегла на сириската територија или пак ќерката успеала да ја извлече од џихадистите, останувајќи на територијата на Турција.