Холандската комисија за безбедност денеска соопшти дека преземала контрола врз меѓународната истрага за уривањето на малезискиот авион во Украина.
Авионот на компанијата „Малезија ерлајнс“ се урна минатиот четврток во источниот дел на Украина со 298 патници и членови на екипажот, меѓу кои 193 беа холандски државјани.
Во соопштението се наведува дека Комисијата ќе ја координира работата на тимот од 24 експерти од Украина, Малезија, Германија, САД, Велика Британија и Русија, како и Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.
Комисијата нагласи и дека четворица холандски експерти моментно спроведуваат истрага на местото на несреќата.
Покрај тоа, Комисијата најави дека ќе испита дали некој манипулирал со податоците од црните кутии на „Боингот 777“, како и дека ќе спроведе две одделни истраги околу процесите за донесување на одлуките за коридорите на летови, како и пристап до листата со патници.
Првите два авиона со посмртни останки на жртвите во авионската несреќа слетаа на аеродромот во Ајндховен.