Американскиот државен секретар Хилари Клинтон потврди дека ќе се повлече од функцијата во почетокот на следната година ако Барак Обама биде реизбран за претседател, изјави таа за Вашингтон пост.
Со тоа се става крај на шпекулациите дека заради многу дипломатски кризи, со кои се соочени САД, е можно да одлучи да остане на функцијата откако Обама ќе даде заклетва за втор мандат.
– Имам намера да се повлечам по стапувањето на должност на претседателот. Но, досега не сум имала можност да разговарам со него за тоа, наведува таа во интервјуто.
– Сепак, сега тој треба да победи на избори, а за разговори ќе има време потоа. Знам дека човек треба да се однесува совесно спрема работата која треба да се заврши, додава Клинтон.
За веројанти кандидати за таа функција американски медиуми ги споменуваат сенаторот демократ Џон Кери и постојаниот претставник на САД во ОН, Сузан Рајс.