Кризата околу нуклеарната програма на Иран и прашањето дали САД се решителни да го спречат Иран да не развие атомска бомба, како и растечкиот број напади врз еврејската заедница во повеќе европски држави беа главните прашања на глобалниот форум на Американскиот еврејски комитет која вчера заврши во Вашингтон.
Повеќе американски политичари дадоа ветување дека САД нема да дозволат Иран да дојде до атомска бомба, со која би го загрозил опстанокот на Израел, а меѓу нив беше и поранешната државна секретарка и демократски кандидат за претседател на следните избори Хилари Клинтон.
– Да дојдеме до целта мораме да бидеме цврсти, јасно да гледаме пред нас и да бидеме подготвени и да ги напуштиме преговорите со цел да се засили притисокот, доколку тоа биде потребно. Подобро е да нема договор со Иран, отколку да постигнеме лош договор, изјави Клинтон, зборувајќи за продолжувањето на преговорите со Иран кое се очекува за еден месец.
Претседателот Барак Обама силно инсистира на одржување на договорот со кој САД се согласија значително да ги ублажат санкциите за извоз на иранската нафта во замена за ветување на иранските власти дека ќе уништат дел од своите резерви на збогатен ураниум и ќе дозволат инспекции во нивните нуклеарни постројки.
Значителен дел од американскиот Конгрес отворен се спротистави на овој предлог. Американскиот сенатор Џон Мекејн, во своето обраќање, предупреди дека САД не смеат да се повлечат од светот, особено не по прашањето на спречувањето на иранската нуклеарна програма.
– Ниту еден разумен човек не е против дипломатско решение. Но, ќе биде катастрофа ако добиеме договор во рамките на кој Иран ќе ја задржи својата нуклеарна програма, а за плашам дека одиме во таа насока. Состојбата на Блискиот Исток е по-комплицирана од било кога во мојот живот, стариот поредок во овој регион се урна и во подем се екстремистите кои се насочени против САД и Израел, изјави Мекејн.
На глобалниот форум се обратија и министрите за надворешни работи на Франција, Канада и Кипар, Лорен Фабиус, Џон Баирд и Јоанис Кацулидис, потоа шефот на кабинетот на претседателот Обама Денис Мекдоноу.
На форумот присуствуваше и делегација на македонската еврејска заедница, предводена од Виктор Мизрахи. Македонските претставници во Вашингтон се сретнаа со директорот на Американскиот еврејски комитет Дејвид Харис, со директорот за надворешни прашања на АЕК рабинот Ендрју Бејкер и други истакнати водачи на еврејската заедница од САД и од светот.