Угледниот американски универзитет „Харвард“ им забрани на група свои студенти да организираат сатанистичка миса во универсктетскиот круг , по силните критики од повеќе верски организации.
Студентите од Клубот за културни студии на Харвард најавија дека во рамките на изучувањето на Средниот век, ќе изведат церемонија позната од средовековни текстови, која претставува имитација на христијанската миса, но посветена на Ѓаволот. Студентите се здружиле со сатанистичко здружение од Њујорк, и најавија дека ќе ја изведат мисата во просториите на нивниот клуб во универзитетот вчера вечер.
Но, по јавните критики во рамките на кои римокатоличката бискупија од Бостон организираше протестен марш против најавената „црна миса“, студентите се откажаа од планот.
– Сите кои беа вклучени во настанот беа преплашени. Не очекуваа дека ќе добијат толку многу напади, изјави Лусиен Грејвс од сатанистичката група која била вклучена во настанот.
Кардиналот Шон О’Мали изјави дека планираната сатанистичка миса во Харвард е навреда и исмевање на христијанството, а над 60.000 поранешни и сегашни студенти и професори се потпишаа на петицијата за да се забрани овој настан. Според групата студенти, настанот сепак се одржал, но тајно во друг објект надвор од Универзитетот.