Еврокомесарот Јоханес Хан денеска оцени дека излегувањето на една земја од членството во ЕУ не значи дека е запрен процесот на ширење на Унијата, туку дека постојат многу причини тој да продолжи, јави Танјуг.
Отворајќи го Бизнис форумот во рамки на Самитот за Западен Балкан во Париз, Хан нагласи дека и натаму постои европска перспектива за земјите од Западен Балкан, и покрај фактот што ЕУ влезе во тешка фаза.
-Тоа што сме соочени со излез на една земја не значи дека е крај со процесот на ширење, туку, напротив. Има многу причини за ширење на ЕУ, а Европската комисија е определена да го продолжи овој процес, нагласи Хан.
Тој кажа дека засилувањето на агендата за инфраструктурно поврзување на земјите од регионот претставува значајна можност за натамошно поттикнување на соработката, како и за подобрување на околностите за инвеститорите.
Според него, пристапниот процес не е само усогласување на законодавствата, туку е фокусиран и врз областа на економијата, односно врз економскиот раст и поттикнување на конкурентноста.
Во пристапниот процес, подвлече Хан, многу се важни владеењето на правото и економскиот развој.
Хан укажа дека земјите од Западен Балкан и натаму се соочени со одредени проблеми на товар на минатото, но дека повеќето земји прикажаа јасна приврзаност кон реформи.
Сите влади треба, како што порача, и во следниот период да преземат конкретни чекори во овој правец.