Гувернерот на Банката на Англија, Марк Карни ги обвини банкарите и другите вработени во лондонскиот финансиски центар Сити, за „неодговорност“ и побара построги казни за сите кои ги прекршуваат законските и банкарските прописи.
Во едно предавање во Лондон, Карни ги нападна „моралот и моралноста“ кои имаат завладеано во Сити, тврдејќи дека постојат не малку поединци кои работат и се однесуваат според воспоставената „култура за неказнување“ за она што се прави.
На предавањето на кое присуствуваше и министерот за финансии Џорџ Озборн, гувернерот на централната британска банка зборуваше дека финансиските пазари кои се одговорни за движењето на билиони фунти на светско ниво, се „обоени со ексцеси„ заговори и злоупотреби, при што етиката е целосно занемарена.Но тој порача дека времето на неодговорност и неодговорно однесување е веќе завршено.
Оваа крајно необична и за британски прилики, прилично нетипична реакција на еден гувернер на Банката на Англија, доаѓа во време кога владата во Лондон се подготвува да ги заостри прописите кои го регулираат работењето на банките и на банкарите.
Карни смета дека казните ќе мора да се надградат и поострат, а сите злоупотреби и непочитување на банкарските приписи и стандарди, да се санкционираат поостро од досега.
– Пазарот може да биде покренувач на развојот, но тој може и да погреши и притоа, сето тоа да остане без реакција и казнување, иако таквите сосотојби води кон нестабилност и злоупотреби, рече Марк Карни.
Тој предупреди дека се случува „нетипичното однесување“ (на банкарите) да остане незабележано, па поради тоа да се претвори во нешто нормално.
Гувернерот Карни го критикуваше однесувањето и нереагирањето на Банката на Англија во минатото, кое предизвка неснаоѓање со бнакарската и финансиската криза. Според Карни, причина за тоа е неуспехот да се контролира пазарот (банкарски) на кој имаше злоупотреби на законите и постоечките прописи.