Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика во својата традиционална новогодишна порака, 2021 да биде „година на заздравувањето“.
– И климатските промени и пандемијата на Ковид-19 се кризи, кои можат да бидат надминати само доколку сме заедно. Ајде да се помириме меѓу себе и со природата, да ја надминеме климатската криза, да го спречиме ширењето на коронавирусот и да ја направиме 2021, година на заздравувањето. Закрепнување од последиците на смртоносниот вирус. Заздравување на погодените економија и општество. Да ги отстраниме поделбите и да почнеме да работиме за заздравување на нашата планета. Такво треба да биде новогодишното ветување, нагласи Гутереш.
Тој истакна дека најважна цел на ОН за следната година е да формира глобална коалиција за неутралност на јаглеродот со нулта емисии на штетни гасови до 2050 година.
Генералниот секретар на ОН во име на светската организација им посака среќна и мирна Нова Година на сите во светот.