Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека човештвото ја пропуштило целта на Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, велејќи дека „разорните последици сега се неизбежни“ и дека светот мора веднаш да се префрли на нов климатски курс.
Во интервју за „Гардијан“ пред самитот за климата COP30 во бразилскиот град Белем, Гутереш призна дека надминувањето на границата од 1,5 степени сега е речиси сигурно, но нагласи дека сè уште треба да се работи за да се ограничи времетраењето и интензитетот на тоа надминување.
„Да го признаеме нашиот неуспех. Не успеавме да спречиме зголемување на температурата над 1,5 степени Целзиусови. Последиците ќе бидат катастрофални – од Амазон до Гренланд, Западен Антарктик и коралните гребени“, рече Гутереш, пренесува Танјуг.
Тој ги повика светските лидери да усвојат драматични мерки за намалување на емисиите на COP30 и да вложат напори за „да спречат Амазон да стане савана“.
Гутереш предупреди дека понатамошното одложување може да предизвика „катастрофални пресвртни точки“ во климатскиот систем на планетата.
Според ОН, изминатата деценија беше најтоплата досега, додека помалку од една третина од земјите-членки на ОН – 62 од 197 – досега поднеле ажурирани национални планови за климатска акција (НКК).
Гутереш рече дека постојните обврски се доволни само за намалување на емисиите за 10 проценти, додека најмалку 60 проценти се потребни за да се остане под границата од 1,5 степени.
Иако признава дека ќе има привремени пречекорувања, генералниот секретар верува дека е можно глобалните температури да се вратат на целта до крајот на векот ако земјите „го променат курсот на и по COP30“. Коментирајќи го глобалниот премин од фосилните горива, Гутереш рече дека тоа е прашање од „економски интерес“ бидејќи „ерата на фосилните горива завршува“, додека „револуцијата на обновливата енергија“ брзо се шири.
Една од клучните иницијативи на самитот ќе биде Фондот „Тропски шуми засекогаш“ од 125 милијарди долари, кој би насочил една петтина од средствата директно кон домородните заедници.
Гутереш, кој го завршува својот втор мандат како шеф на ОН следната година, рече дека жали што не се фокусирал на климата и природата порано, но рече дека „нема да се откаже од борбата“.
„Никогаш нема да престанам да се залагам за климатска акција, биодиверзитет и заштита на природата. Нашата мајка природа е најскапоценото богатство што го имаме“, рече тој.
