„Гугл“ (Google) вложува 150 милиони евра за унапредување на односите со европските медиумски куќи и наиде на позитивни реакции, објави денеска мултинационалната технолошка компанија.
Парите ќе бидат дистрибуирани во следните три години и ќе бидат наменети за промоција на дигиталното новинарство. Во проектот вклучени се осум медиумски куќи: германските „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ и „Дие Цајт“, британските „Гардијан“ и „Фајненшл тајмс“, шпанскиот „Ел Паис“, француската „Л Ексо“, италијанската „Ла Стампа“ и холандската мрежа НРЦ.
„Гугл“ планира и формирање на работна група „Digital News Initiative“, која директно ќе разговара со претставниците на медиумите.
Иницијативата е отворена и за другите медиуми, кои можат да се пријават за користење на средствата од Фондот за иновации на „Гугл“.