Судот во Халкида ги прифатил приговорите на адвокатот на бродската компанија во врска со конфискувањето на нафатат што нивниот танкер „Лана“ ја пренесувал и од средината на април е закотвен на грчкиот остров Евија, објави „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
Поради санкциите воведени од ЕУ и НАТО, грчките власти го запленија танкерот што плови под руско знаме, а нафтата беше префрлена во танкер изнајмен од САД, додека пак сега, одлуката се менува и според „Катимерини“ нафтата ќе треба да се врати назад.
Медиумите во Грција коментираа дека со оглед на тоа шт о се работи за иранска нафта, насилната окупација на двата грчки танкери во Персискиот залив, всушност е одговор од Иран до Грција.
„Катимерини“ пишува новата судска одлука веројатно ќе доведе до деескалација на тензиите меѓу Атина и Техеран, а со тоа и ослободување на двата грчки танкери.
Сепак, портпаролот на грчката Влада Јанис Икононому потенцира дека станува збор за два одвоени случаи.
-Пред сè ние не ги поврзавме двата случаи. Од прв момент беше целосно неоправдано и неиспровоцирано однесувањето на иранските власти кон грчките бродови. И второ, грчкото правосудство има докажано дека функционира независно врз основа на рамката, податоците и случаите за кои е повикано да одлучува, рече Иконому, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Извор: МИА